Ревизија во МЕПСО: Неправилности во вработувањата, милионски трошоци и имот без документација
Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на МЕПСО за 2024 година. Извештајот нотира неправилности кај две третини од нововработените, нерешени имотно-правни прашања и милионски трошоци за неповлечени кредити.
Низа системски слабости, трафостаници без имотни листови, проблеми со вработувањата и користењето на државни пари, милиони евра платени за неповлечени кредити. Ова го откри Државниот завод за ревизија во работењето на Акционерско друштво за пренос на струја во државна сопственост АД МЕПСО, во извештајот за 2024 година.
Ревизорите детектирале спорни вработувања кај две третини од новопримените. Кај 45 нови луѓе, односно кај 65% од сите нови вработувања во 2024 година, биле утврдени неправилности во условите од јавните огласи и систематизацијата.
„Преносната мрежа на АД МЕПСО интегрира 112 далноводи, при што за 53 далноводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59 далноводи друштвото не располага со имотни листови. За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи“, се вели во извештајот на ДЗР.
МЕПСО го прифаќа ревизорскиот извештај. Оттаму велат дека веќе се спроведуваат мерки за отстранување на слабостите од претходните раководства, и посочуваат дека обврска на секое одговорно раководство е да ги утврди наследените проблеми, со цел тие да не се повторуваат.
„Вработувањата се спроведени пред актуелното раководство. Во однос на утврдените неправилности кај дел од нововработените, МЕПСО нагласува дека јавниот оглас бил објавен во 2023, а постапката била финализирана пред изборите во 2024 и пред назначувањето на сегашното раководство. Сепак, независно од тоа кога се спроведени постапките, новото раководство ќе ги разгледа ревизорските препораки и ќе работи на воспоставување транспарентни критериуми при идните постапки за вработување“-соопштуваат од МЕПСО.
Во изминатите 13 години, МЕПСО реализирал значајни инвестиции во модернизација на преносната мрежа, но реализацијата се движи меѓу 9% и 62%. Заклучно со крајот на 2024, МЕПСО за камати и провизии има платено речиси 9 милиони евра. За фасадата на управната зграда, пак, биле потрошени околу 8,9 милиони евра.
Борис Грујоски
