Собрание

Мицкоски и Филипче во жестока дебата на пратенички прашања

25.06.2026 17:05

Виновен сум што поранешни функционери сè уште уживаат на јахти наместо да бидат зад решетки – премиерот Мицкоски од пратеничките прашања вети правда, а Филипче одговара: Опсесијата да ги сликате полуголи е на граница на невропсихологија.

„Признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури наместо на друго место“, на собраниската седница резервирана за пратенички прашања претседателот на Владата Мицкоски ја презема вината за разочараноста на граѓаните, и го предупреди лидерот на СДСМ Филипче дека е дојдено времето поранешните функционери кои се огрешиле пред законот да се соочат со правдата.

„Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат таму како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор. Е, затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат како се смеете од зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла“, изјави Мицкоски.

Филипче критикуваше дека Мицкоски ги излажал граѓаните, бидејќи кога барале власт, ветувале „мед и млеко“. Граѓаните по две години не добиле ништо, а власта според Филипче се занимава со тоа, како да ги оцрни поранешните функционери од опозицијата.

„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери за кои плаќате да ги сликаат голи на плажа, јас веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја невропсихологија“, изјави Филипче.

Според Филипче во делот на правдата и европските интеграции нема никаков напредок. Европскиот пат е заглавен и земјата се турка во изолација.

„Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте? И немојте повторно да барате виновник. Немојте да сум виновник јас или СДСМ“, изјави Филипче.

Премиерот со став дека проблемите произлегуваат од домашните квислинзи, чиишто дејства одат само во интерес на спротивната страна. Владата која тој ја предводи ќе го потврди тоа што историјата многупати го докажала.ќе победиме и во оваа битка – категоричен Мицкоски.

„Имаме проблем и се обидуваме од петни жили да го решиме, и покрај тоа што имаме квислинзи дома кои се обидуваат одвнатре да ги нарушат позициите на оваа Влада. Но, и покрај тие квислинзи на грб и сето тоа што претходната Влада ни го остави како наследство, како многупати во историјата, така и овојпат, јас ви тврдам дека ќе победиме“, изјави Мицкоски.

Животниот стандард уште една жешка тема. Филипче рече дека наместо подобар живот, граѓаните останале со празни џебови, а државата се презадолжила. Опозицијата побара објаснување и за капиталните инвестиции и ребалансот на буџетот. Мицкоски одговори – задолжувањата на владата се три пати помали во однос на претходната, а капиталните инвестиции ќе продолжат со засилено темпо.

Марина Стојанова-Тонева