Охрид

Сиљановска- Давкова ги прими учесниците на кампот „Охридски ветрови“

25.06.2026 18:32

Учесниците на првиот тренинг камп „Охридски ветрови“ денеска беа на прием кај претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Охрид. Преку спорт, едукација и дружење, младите учат за едрењето, скијањето и за значењето на заштитата на природните богатства.

Учесниците на првиот тренинг камп „Охридски ветрови“ денеска беа на прием кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Охрид. Станува збор за еднонеделен камп наменет за деца, во рамки на кој скијачите учат едрење, додека едриличарите во зимски услови ќе учат скијање.

Претседателката Сиљановска-Давкова, во разговорот со младите, се осврна на значењето на Охридското Езеро и повика на негова поголема заштита, токму од нивна страна.

„Мора нешто да направиме. Не е случајно што е под заштита на УНЕСКО. Еве, вие на правилен начин уживате, на правилен начин го користите ветерот, создавате убавина, но и го штитите. Така треба и сите ние да постапуваме“, рече Давкова.

Децата, низ деновите поминати на охридскиот брег, ќе учат да ги следат ветрот и брановите, да градат пријателства но и, што е најважно, правилно да ги користат богатствата на својата земја.

„Да ги учат тајните на едрењето, поискусните едриличари се инструктори и ги обучуваат помладите генерации. Се надеваме дека овој камп ќе прерасне во традиција, со тоа што во зимскиот период членовите на едриличарските клубови ќе бидат гости на ски-клубот во Тетово“, изјави Стефан Ставрев, претседател на Едриличарска федерација на Македонија.

„Имавме една убава иницијатива заедно со едриличарските клубови да настапиме тука како скијачи и да му кажеме на снегот: Стој, ќе поедриме малку, а потоа ќе им се вратиме на планините“, изјави Љубомир Петрески од ски-клубот „Диме Флејта“.

„Многу е убаво. Лани запознавме многу пријатели од други држави. Имаше убав ветер, но имаше и денови кога немаше ветер, па имавме повеќе дружба. Кога имаше ветер, имаше регати и навистина беше преубаво“, вели Лина Пашовска, едриличарка.

Во знак на благодарност за поддршката, учесниците во кампот на претседателката ѝ подарија маица од кампот „Охридски ветрови“, потпишана од сите деца учесници.

Соња Рилковска