Каракас во урнатини, се трага по преживеани
Наместо прослава на националниот празник, урнатини и смрт. Венецуела погодена од два силни земјотреси од 7,2 и 7,5 Рихтери. Расте бројот на загинати и повредени, владата во Каракас прогласи вонредна состојба.

Неколку секунди беа доволни за нормалниот живот во Венецуела да запре откако разорни земјотреси од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер ги погодија Каракас и областите северно од градот. Веднаш по нив следуваа десетици последователни потреси. Голем број објекти се оштетени, дел урнати, а затворен е и главниот Меѓународен аеродром поради оштетувања. Се пребаруваат урнатините додека бројот на жртви од минута на минута расте, илјадници луѓе се повредени.
„Погледнете го аеродромот внатре. Катастрофа, целосно е уништен од земјотресот, погледнете како е сè. Луѓе, ова е многу сериозна ситуација. Снимив сè, помагаме во извлекувањето на луѓето. Сè е уништено“, вели сведок на земјотресот.
Земјотресот удри во 18 часот и 4 минути на националниот празник во земјата кога милиони Венецуелци беа дома. Наместо прослава, жителите на Каракас сведочат за најстрашните моменти од катастрофата.
„Ова беше најсилното нешто што некогаш сум го почувствувала, беше долго, и многу силно. Сè во куќата падна, сè се искрши“, изјави Патриша Парада, жителка на Каракас.
„Зградата се поместуваше од една на друга страна, беше неверојатно. За среќа немаше многу луѓе во неа. Беше престрашно“, вели Роберто Гамас, жител на Каракас.
Властите прогласија вонредна состојба додека во земјата пристигнуваат меѓународни спасувачки тимови и хуманитарна помош.
„Најпогодената држава е Ла Гваира. Има десетици урнати згради и моментално сме вклучени во многу тешки спасувачки напори за да го спасиме животот на луѓето. Ова е вистинска трагедија. Пристигаат спасувачи од земјите кои веќе комуницираа со нашата влада. Во акцијата се приклучуваат САД, Доминиканската Република, Ел Салвадор, Мексико и Катар. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп и неговата администрација кои беа во постојан контакт со сите наши власти и ни дадоа поддршка во првите часови“, изјави Делси Родригез, в.д. претседателка на Венецуела.
„Веќе распоредуваме екипи за пребарување и спасување од Вирџинија и Лос Анџелес, а ќе испратиме и дополнителни тимови. Во моментов најитно е да се стигне до луѓето затрупани под урнатините и да им се спаси животот во првите 48 до 72 часа по катастрофата. САД ќе обезбедат брза и ефикасна помош за Венецуела“, нагласи Марко Рубио, државен секретар на САД.
Светот со сочувство и поддршка.
„Кина изразува искрено сочувство до венецуелската влада и народ погодени од катастрофата и верува дека венецуелскиот народ ќе ја надмине оваа несреќа и ќе ги обнови своите домови што е можно поскоро. Кина ќе направи сè што е во нејзина моќ да ѝ помогне на Венецуела“, изјави Гуо Џиакун, портпарол на министерството за надворешни на Кина.
Експерти од Геолошкиот завод на САД предупредуваат дека Венецуела би можела да се соочи со хуманитарна криза од невидени размери. Според нивните првични анализи, постои значителна неизвесност околу конечниот биланс на жртви, додека спасувачките операции сè уште се во тек. Ова се едни меѓу најсилните што ја погодиле земјата во последните сто години.
Бојана Крстевски
