Јавноста чека одговори од ЗОО Скопје по сериозниот инцидент викендов
Јавноста чека одговори од Зоолошката градина во Скопје по информациите дека викендов, волци успеале да излезат од живеалиштето и да изедат други животни. „Анима Мунди“ и ЛДП бараат одговори, од Зоолошката засега молк.

Молк од Зоолошката градина по информацијата за бегство на бели волци во саботата, кои усмртиле неколку кенгури и ему птици. За настанот јави медиумот „Петс“, од каде наведоа дека волците успеале да ископаат дупка под оградениот простор и да излезат од живеалиштето, по што, на вработените им било потребно неколку часа за повторно да ги вратат животните назад.
„Додека јавноста чека одговори, животните плаќаат со животи! Како е можно волци со денови или недели да копаат дупки без тоа да биде забележано? Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата?“, прашаа од „Анима Мунди“.
Се огласија и дел од партиите. Од ЛДП побараа одговори од надлежните за целиот случај.
„После неколкучасовна бркотница на вработените со животните, волците биле вратени во живеалиштата, но зоолошката градина никаде не извести за овој инцидент, иако таа е локација со многу посетители, чија безбедност може да биде доведена во прашање“, велат од партијата.
МТВ се обиде да добие одговори од Зоолошката градина за целиот случај, но, оттаму останаа куси за коментар што навистина се случувало изминатиов викенд.
Александра Спировска
