Средби на министерот Попоски на маргините на 69-то заседание на Генераното собрание на ОН
Мнистерот учествуваше на неформален состанок на министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Европската Унија, на кој беше и Комесарот за проширување, Штефан Филе како и назначениот Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини...

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски,кој учествува на Генералното собрание на ОН, денеска се сретна со Министерот за надворешни работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн. Луксембург ќе претседава со Советот на Европската Унија во втората половина од идната година. Министерот Аселборн најави дека земјите од Западен Балкан ќе бидат на агендата, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
„Како мала земја, Луксембург има разбирање и интерес да помогне на сите земји од Западен Балкан да напредуваат во нивното приближување кон ЕУ“, изјави министерот Попоски. “Но пречката останува иста: потребата од консензус во носењето одлуки во ЕУ.”
Министерот Попоски се сретна и со министерот за надворешни работи на Сенегал, Манкур Ндиаје. Министрите ја потенцираа нивната соработка и во Франкофонијата, а најавија и продлабочување на економската и образовната соработка.
Исто така, министерот Попоски се сретна и со министерот за надворешни работи на Парагвај Еладио Лоизага, кој го поздрави фокусот на Јужна Америка видлив преку отворањето на македонско- дипломатско претставништво во Бразилија.
Беше остварена и средба со претставници на Американско- Еврејски Комитет, при што беше потврдена традиционално одличната соработка.
Мнистерот учествуваше на неформален состанок на министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Европската Унија, на кој беше и Комесарот за проширување, Штефан Филе како и назначениот Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Министерот Никола Попоски имаше обраќање на Климатскиот самит на кој, меѓу другото, ја посочи и новата апликација „Патувај Зелено“ претставена минатата недела од градот Скопје и изработена во партнерство со УНДП.
