СВП: Денес ќе биде познат добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“
Со меѓународно поетско читање во Охрид и објавување на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ продолжува програмата на 65. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата. За престижното признание годинава конкурираат пет поетски книги избрани од вкупно 37 пристигнати дела.

Програмата на 65. јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата денеска продолжува со меѓународното поетско читање „Матине“, што ќе се одржи во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, како и со посета на културно-историските знаменитости на градот.
Во рамки на фестивалот, на прес-конференција ќе биде објавен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена меѓу двете фестивалски изданија. Во потесниот избор се најдоа пет книги од авторите Марија Ангеловска, Николина Андова Шопова, Зоран Анчевски, Сузана В. Спасовска и Братислав Ташковски.
На конкурсот годинава учествувале 35 автори со вкупно 37 поетски книги. Фестивалската програма продолжува со поетските читања „Плејади“, „Кругови 2“ и „Ноќ без интерпункција“, како и со настапи на поетите во конкуренција за наградата ЕНХАЛОН.
