Расте бројот на жртви во Венецуела, илјадници сè уште се водат како исчезнати
Новиот ден полека го открива размерот на последиците од разорните земјотреси во Венецуела. Штетите се огромни. Црниот биланс засега е на 235, но, илјадници се водат како исчезнати што е сигнал дека бројот на жртви ќе биде многу поголем. Спасувачките тимови грчевито ги пребаруваат урнатините, трагајќи по преживеани.

Бројот на жртвите од двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела продолжува да расте. Како изминува времето, така се зголемуваат стравувањата од најлошото – илјадници луѓе сè уште се водат за исчезнати, па црниот биланс ќе биде многу над она што досега го имаат надлежните како официјална бројка за загинати.
„Веќе лекувавме повеќе од 4.300 повредени лица, некои имаат полесни повреди, поголемиот дел се полесни, но има и такви со умерени и сериозни повреди. На многу од нив им беше потребна операција и за жал, примивме околу 235 пациенти кои пристигнаа без витални знаци или кои починаа веднаш по пристигнувањето“, изјави Карлос Алварадо, министер за здравство на Венецуела.
Спасувачките екипи и натаму работат непрекинато во делови на Каракас и крајбрежниот град Ла Гуаира, каде што под урнатините и понатаму се слушаат повици за помош.
„Кога почна земјотресот, се држев најцврсто што можев за рамката на вратата, толку цврсто што си го скршив прстот. Се држев цврсто, сè додека не се урнаа сите катови. И тогаш ја видов раката на мојата пријателка и ја зграпчив, но таа исчезна“, изјави Грасиела Мора, преживеана.
Илјадници жители останаа без покрив над главата и ноќите ги поминуваат на отворено, плашејќи се да се вратат во оштетените објекти. Во текот на ноќта биле пријавени и грабежи. Семејствата на жртвите ги оплакуваа најблиските.
„Ужасно беше, видовме премногу. Водевме борбата да ги извлечеме децата живи, беа три, извлековме едно живо. Не можевме на сите да им помогнеме“, изјави Рамон Едуардо, роднина на жртви.
„Нема зборови, нема зборови. Ужасно беше, ја загубив мајка ми“, рече Дарица Поло, ќерка на жртва од земјотресот.
Во Венецуела веќе пристигнува меѓународна помош. Најавено e испраќање транспортни авиони, бродови, спасувачки тимови и медицинска опрема.
„Овие центри се местото каде што собираме сè што е потребно за да го испратиме во Венецуела, со оглед на катастрофата што се случи вчера со двата земјотреси што го погодија нашиот прекрасен венецуелски народ. Постојат четири основни производи за кои побараа наша помош-облека, вода за пиење, храна и медицински материјали“, изјави Мануел Родригез • лидер на венецуелската заедница во Еквадор.
„Откако се појави веста, спасувачките екипи и државата веднаш покажаа загриженост. Земјите секогаш го прават тоа кога се случуваат вакви ненадејни трагедии, но никој не е подготвен да се справи со ваква ситуација. Ниту една земја не е подготвена да го обезбеди потребниот одговор. Затоа се тука соседните земји“, изјави Карлос Оливарес, воздухопловни сили, Доминиканска Република.
Експерти од Геолошкиот завод на САД оценуваат дека ова е најсилен земјотрес што ја погодил Венецуела во последните сто години.
Катерина Бојаџиева
