Култура

Богата викенд-програма на „Скопско лето“: Концерти, театар и македонска традиција на неколку сцени

26.06.2026 20:52

Хорски концерти, пијано рецитал, театарска претстава и вечер посветена на македонската градска традиција се дел од викенд-програмата на фестивалот „Скопско лето“. Настаните ќе се одржат на повеќе локации низ Скопје, со учество на домашни и странски уметници.

Фестивалот „Скопско лето“ и овој викенд продолжува со разновидна културна програма што ќе понуди музика, театар и фолклор на неколку сцени во главниот град.

Во сабота, на 27 јуни, во Сули ан со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концертот „Блесоглас“, на кој ќе настапат Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово и Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје, под диригентство на Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Публиката ќе има можност да слушне избрани дела од светската и македонската хорска литература, а како специјален гостин ќе настапи гитаристот Стефан Волчевски. Билетите се достапни преку karti.com.mk.

Во истиот термин, во Музејот на македонската борба ќе се одржи „Пијано рецитал“ на бугарскиот пијанист Галин Ганчев. Програмата вклучува дела од Бах, Моцарт, Брамс, Штраус и Балакирев, претставувајќи музичко патување низ различни епохи и стилови. Влезот за концертот е слободен.

Љубителите на театарот ќе можат да ја проследат претставата „Првиот господин“ на сцената на Албанскиот театар, исто така од 20:30 часот. Станува збор за сатирична комедија инспирирана од мотиви на Бранислав Нушиќ, во режија на Фатос Бериша, која преку хумор и критички осврт ги обработува темите на моќта, парите и човечките односи. Билетите се во продажба на билетарницата на Албанскиот театар.

Викенд-програмата ќе заврши во недела, на 28 јуни, со концертот „Градски приказни“ на КУД „Илинден“ од Битола. Настанот ќе се одржи на отворената сцена „Кеј 13 Ноември“ кај споменикот на Гемиџиите, со почеток во 20:30 часот. Преку чалгиска музика, автентични танци, обичаи и традиционални костими, концертот ќе ја оживее богатата македонска градска традиција. Влезот е слободен.