Политика

Партиите без детали, СДСМ со критики за реконструкцијата на Владата

26.06.2026 16:23

По сѐ погласните шпекулации дека ЗНАМ ќе го загуби Министерството за правда, од партијата на Димитриевски велат – сѐ уште нема конечен договор, сѐ е отворено. Детали не откриваат ниту од ВРЕДИ. Опозициската СДСМ препознава битка за фотелји и позиции, притоа критикувајќи дека владата за две години немала никакви резултати.

Нема конечен договор за ниту едно прашање, отворени се сите опции – од движењето „Знам за наша Македонија“ не ги потврдуваат информациите дека ќе го загубат Министерството за правда, каде е Игор Филков како нивен кадар. Тие немаат забелешки за остварувањето на нивните функционери.

И во „Вреди“ скржави во информациите кој нов ресор ќе го добијат, а кој ќе го препуштат за другите партнери. Имињата ќе ги објават идната недела.

Од СДСМ велат реконструкцијата ја доведува власта до војна на кланови и борба за фотелја, позиции и бизниси. Според опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на Министерството за правда по секоја цена поради страв од истраги. СДСМ ја критикуваше власта на средината од мандатот дека нема резултати.

Се навестува можноста, ВМРО-ДПМНЕ да ги добие ресорите евроинтеграции, здравство и социјална работа и демографија. Претходно, во јавноста се појавија информации дека „ЗНАМ“ ќе го загуби правда на сметка на земјоделство, каде ќе треба да предложи кадар на местото на Цветан Трипуновски, кој се повлекува од приватни причини.

Во тој случај, правда би го добиле „Вреди“, но и култура, спорт и односи меѓу заедниците. Извесно е дека од Илинденска број два заминуваат Фатмир Лимани и Арбен Фетаи, од ресорите социјална политика и добро владеење.

 

Игор Панов