Николина Андова Шопова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година
Поетската збирка „Во куќата“ на Николина Андова Шопова е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“.

Поетската збирка „Во куќата“ од Николина Андова Шопова, во издание на „Бегемот 2026“, ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска книга објавена меѓу две фестивалски изданија.
Одлуката ја донесе петчлена жири-комисија, која во образложението ја оцени книгата како зрел и исклучително талентиран поетски ракопис што остава траен впечаток со својата оригиналност и суптилен израз.
Заблагодарувајќи се за признанието, Андова Шопова истакна дека дел од песните се создадени во периоди на осаменост и тишина и изрази надеж дека преку нив читателите ќе ја споделат токму таа тишина.
На конкурсот за наградата годинава пристигнале 37 ракописи од 35 современи македонски автори, а во најтесниот избор беа пет поетски книги.
