Бројот на жртви во Венецуела драматично се зголемува
Спасувачките екипи во Венецуела во трка со времето се обидуваат да ги извлечат луѓето од под урнатините, додека се приближуваат 72-та клучни часа од разорните земјотреси што ја погодија земјата...

Спасувачките екипи во Венецуела во трка со времето се обидуваат да ги извлечат луѓето од под урнатините, додека се приближуваат 72-та клучни часа од разорните земјотреси што ја погодија земјата.
Бројот на жртви рапидно расте. Црниот биланс веќе се искачи на над 900 жртви и повеќе од 3.000 повредени. Илјадници луѓе и натаму се водат за исчезнати. Локалното население, соочено со тешка финансиска криза, апелира за итна помош од цивилни волонтери поради недоволниот одговор од државните служби. Властите го ограничија пристапот до тешко погодениот регион Ла Гваира за да се овозможи непречено движење на спасувачките тимови и хуманитарната помош.
„Ова е хуманитарна мерка за побрзо спасување на луѓето чии животи се во висок ризик. Под урнатините има и преживеани и загинати, а мора да се води сметка и за јавното здравје. Затоа пристапот до Ла Гваира ќе биде строго контролиран“, Диосдадо Кабело, министер за внатрешни работи на Венецуела.
На терен се вклучија и меѓународни тимови, кои со кучиња трагачи и тешка механизација ги расчистуваат урнатините во потрага по преживеани. Во меѓувреме, УНИЦЕФ подготвува итна хуманитарна помош и медицински пакети, а Европската Унија испрати поддршка преку механизмот за цивилна заштита.
