Земјоделците бараат интервентни субвенции за јачменот и пченицата
Со намален род и ниски откупни цени тече жетвата на јачменот во овчеполието. Земјоделците се подготвуваат и за жетва на пченицата. Велат сушата ги намали приносите, репроматеријалите го поскапеа производството и затоа очекуваат интервентна субвенција од државата бидејќи откупувачите нудат цени кои се под производните.

Пченицата и јачменот како стратешки култури да се поддржат од државата со интервентен откуп по цена за 25 насто повисока од производната, бараат од националната земјоделска мрежа и додаваат дека нема економска ликвидност за земјоделците доколку јачменот се откупува под 16 а пченицата под 19 денари. Во ек на жетва на јачменот откупната цена е од 9 до 10 денари, а на старт на жетвата на пченицата откупувачите понудија цени од 10 до 12 денари за килограм.
Од Министерството за земјоделство велат откупната цена на пченицата и јачменот ја одредува пазарот, но доколку има пазарни нарушувања државата ќе интервенира.
„Законот за земјоделство и рурален развој предвидува доколку има потреба државата да интервенира на пазарот преку мерки, вклучително и интервентен откуп и утврдување интервентна цена, во услови на пазарни нарушувања, со цел стабилизација на пазарот и заштита на земјоделските производители. На располагање е мерката за складирање на пченица и јачмен во сместувачки капацитети, во периодот од 15.06. до 15.09.2026 година“, велат од МЗШВ.
Сушата во овчеполието ги намали приносите од јачмен. Родот по хектар тежи околу три тони. Намален род до два ипол тони се очекува и од пченицата.
Славица Величковска
