Охридскиот регион под лупа

27.06.2026 17:39

Амбасадорите на УНЕСКО пристигнаа во Охрид, денес вршат увид во регионот. Претставниците од вчера се во земјава, остварија средба со министерот за транспорт и врски.

Амбасадорите на УНЕСКО, вршат увид во Охридскиот регион, се запознаваат со тековните предизвици и спроведувањето на препораките.

Тие остварија средба со министерот за транспорт, Николоски, на која беше разговарано за зачувување на автентичноста и одржливиот развој на Охридскиот регион. Според експертите, една од клучните слабости во справувањето со долготрајните еколошки и други предизвици е недостигот на стручно засебно тело за заштита.

„Видете, како научна институција, пред неколку години бевме предложени како потенцијално управувачко тело, меѓутоа управувањето со заштитено подрачје не значи само научни истражувања. Тука влегува комуналија, влегува секторот урбанизам, влегува секторот туризам. Значи, не е нешто со кое една научна институција, која брои само 20 вработени, за жал, би можела да се справи“, вели Орхидеја Тасеска од Хидробиолошки институт.

Независно и стручно тело со јасни ингеренции во кое ќе бидат вклучени експерти од сите области ќе може да обезбеди долгорочна заштита.

„Самата установа е стожер на заштитата на културното и историското наследство на Охрид и охридскиот регион. Но, согласно интегрираната заштита, тука своја улога треба да имаат и локалната самоуправа, и централната власт, и невладините организации, како и самите граѓани“, истакна Горан Патчев директор на Завод и музеј Охрид.

Дали Охридскиот регион ќе се најде на листата загрозени подрачја ќе се одлучува на 48-та сесија на Комитетот на светско наследство кон крајот на следниот месец.

Соња Рилковска