Потврден случај на „Денга треска“ кај 42-годишен маж од Бангладеш
Од тропските предели до Македонија. На Инфективната клиника се лекува 42-годишен работник од Бангладеш со потврдена „денга“. Епидемиолозите порачуваат дека вирусот не е стекнат во земјава и дека нема простор за паника, бидејќи се работи за изолиран случај.

42 годишен државјанин на Бангладеш, кој неодамна пристигнал во Македонија за да работи во градежниот сектор, е заболен со денга вирус. Една недела пред да допатува во земјава имал симптоми и веќе втор ден е хоспитализиран на Инфективната клиника, вели директорот Фадил Цана. Денга вирусот кај заболениот е клинички и лабораториски потврден.
Епидемиолозите смируваат, велат, нема опасност за населението оти се работи за изолирани случаи, а денга треската се пренесува преку заразен комарец.
Денга е вирусна инфекција која ја пренесуваат комарците и е честа во тропските предели. Човекот може да се инфицира од само еден убод. Симптомите почнуваат две недели по инфекцијата пропратени со висока температура, повраќање, болки во мускулите и осип на кожата. Мал дел од заболените развиваат потешка клиничка слика.
Денгата е присутна во над 110 земји. Секоја година инфицира 50 до 100 милиони луѓе од целиот свет.
Викторија Милевска
