Потврден случај на денга вирус
Тропски вирус стигна и во Македонија. Потврден е случај на „денга“ кај странски државјанин, но здравствените власти уверуваат дека се работи за изолиран случај...

42 годишен државјанин на Бангладеш, кој неодамна пристигнал во Македонија за да работи во градежниот сектор, е заболен со денга вирус. Една недела пред да допатува во земјава имал симптоми и веќе втор ден е хоспитализиран на Инфективната клиника, вели директорот Фадил Цана. Денга вирусот кај заболениот е клинички и лабораториски потврден.
Епидемиолозите смируваат, велат, нема опасност за населението оти се работи за изолирани случаи, а денга треската се пренесува преку заразен комарец.
Денга е вирусна инфекција која ја пренесуваат комарците и е честа во тропските предели. Човекот може да се инфицира од само еден убод. Симптомите почнуваат две недели по инфекцијата пропратени со висока температура, повраќање, болки во мускулите и осип на кожата. Мал дел од заболените развиваат потешка клиничка слика.
Денгата е присутна во над 110 земји. Секоја година инфицира 50 до 100 милиони луѓе од целиот свет.
Викторија Милевска
