Димитриевски не открива дали ЗНАМ ќе ги задржи своите ресори
Таинственост до последен момент. Димитриевски не открива дали ЗНАМ ќе ги задржи своите ресори, ниту каква ќе биде судбината на Филков. Додека преговорите продолжуваат, СДСМ тврди дека се води битка за фотелји, а конечниот расплет се очекува по извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по вторник.

Дали министерот за правда Филков, ќе си замине од министерската функција или ќе биде министер, но во друг ресор, првиот човек на ЗНАМ, Максим Димитриевски не сакаше да одговори. Коментирајќи ја претстојната реконструкција на Владата, истакна дека многу понуди се на маса, ќе го почекаат конечниот договор, ќе избројат до три, па потоа ќе пресечат.
Димитриевски е задоволен од резултатите што досега ги испорачале министрите од редовите на ЗНАМ и не сакаше да ги коментира шпекулациите што ги пушта во јавноста опозицијата.
Таинствениот став, го искористија од СДСМ, каде што преку соопштение порачаа оти Мицкоски се однесува кон ЗНАМ како кон непотребни слуги, не му требаат и ќе ги фрли.
„Знам ја води последната битка за фотелји и лични интереси. Ова е логичен крај на проектот што Христијан Мицкоски лично го создаде, финансираше и го користеше како политички сателит. Ова е класичен пример на политичка корупција и морален банкрот. ЗНАМ беше вештачки создаден проект чија единствена цел беше да го ослабне СДСМ и да му обезбеди гласови на Мицкоски.сега, кога таа функција е завршена, дојде време за нивниот крај“ стои во реакцијата на СДСМ.
Како ќе изгледа реконструираната Влада, имињата и министерствата каде што ќе има промени, каде ќе останат старите министри, ќе се знае во вторник по Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Наташа Јанчиќ Менковски
