САД повторно го нападнаа Иран, Техеран возврати со удари врз американски бази во Кувајт и Бахреин
Ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран продолжува да го доведува во прашање неодамнешното примирје, откако американската војска изврши напади врз ирански цели во близина на Ормускиот теснец, а Иран возврати со удари врз американски објекти во Кувајт и Бахреин. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот,

Ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран продолжува, ставајќи го под сериозен притисок неодамнешното примирје. Американската војска изврши нови напади врз ирански воени цели во близина на Ормускиот теснец, тврдејќи дека акцијата е одговор на продолжените ирански напади врз комерцијалниот поморски сообраќај, откако поморските власти јавија за уште еден погоден брод во протокот.
„Авиони на САД нападнаа ирански локации, поради кршење на Договорот за прекин на огнот, ПОВТОРНО! Многу е можно никогаш да не научат! Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја започнавме. Ако тоа се случи, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иран возврати врз американски воени објекти во Кувајт и Бахреин, додека двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето. Техеран не ја исклучи и можноста за прекин на преговорите.
„Непријателот ја искористи акцијата на морнарицата на Иранската револуционерна гарда како изговор за напади врз ирански позиции против брод што ги прекршил правилата. Одговорноста за регулирање на транзитот низ теснецот е на Иран и секое прекршување отсега ќе биде решавано поцврсто од порано, а секоја идна агресија од непријателот, ќе биде дочекана со решителен одговор и ќе доведе до прекин на сите процеси“, истакна водител на државната телевизија на Иран.
Бахреин и Кувајт ги осудија иранските напади, додека Израел соопшти дека ги нападнала милитантите на Хезболах во јужен Либан-ден откако се согласи да повлече дел од трупите од регионот.
„Израел не се повлече од Либан и ја одржува безбедносната зона за спречување на заканите. Важниот принцип утврден во договорот-нема да има прераспоредување од страна на Израел, сè додека терористичката организација Хезболах не е разоружана“, изјави Израел Кац • министер за одбрана на Израел.
Иранскиот министер за надворешни работи, Арагчи кој е во посета на Багдад го обвини Израел дека продолжува со нападите и покрај договорите и порача дека САД имаат одговорност да обезбедат нивно запирање.
„Жалиме што израелскиот режим продолжува со нападите. Одговорност на САД е, според обврските што ги прифатија, да ги запрат тие напади и да обезбедат почитување на договореното“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Арагчи ја потврди подготвеноста на Техеран за стабилизирање на ситуацијата во Ормускиот теснец, предупредувајќи дека надворешно мешање може да ја зголеми тензијата и да го одложи неговото повторно отворање. Тој со ирачкиот министер Хусеин разговараше и за регионалната безбедност и предлогот за заеднички дијалог меѓу земјите од Заливот, Иран и Ирак.
„Ирак смета дека приоритет е крај на војната и отворање разговори за безбедноста во регионот“, изјави Фуад Хусеин, министер за надворешни работи на Ирак.
И покрај дипломатските напори, ситуацијата во регионот и натаму останува нестабилна, а ризикот од ново продолжување на војната висок.
Бојана Крстевски
