Вевчани

Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

28.06.2026 19:07

Под падините на Јабланица, повторно се создава уметност. Шеснаесет домашни и странски уметници од пет земји во наредните десет дена ќе творат во рамки на 16-тата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, преточувајќи го духот на Вевчани на платно.

Под падините на Јабланица, во прегратките на природата и жуборот на вевчанските извори, повторно оживува уметноста. Вевчани е домаќин на 16-тата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, која на едно место обедини 16 домашни и странски уметници.

Во наредните десет дена, инспирирани од природните убавини, автентичната архитектура и богатото културно наследство на Вевчани, уметниците ќе создаваат нови дела.

„Ќе уживаат во природните убавини на Вевчани и овој наш прекрасен регион. Ние секоја година за уметниците организираме и тури за да ја запознаат Македонија — од Охрид и Струга, да го запознаат Охридското Езеро, до Бигорски и Рајчица“, вели Ефимија Угриновска, организатор на „Вевчански видувања“.

Зеленото Вевчани, со чистиот воздух, недопрената природа и автентичниот дух, е неисцрпна инспирација за уметниците од различни меридијани. Творечкиот мир го претвора во препознатлива уметничка адреса, каде секое платно раскажува дел од неговата приказна.

„Овие колонии се од огромно значење. Се учи многу. Младите уметници имаат можност да учат, бидејќи ваквите колонии се и испитување на самите себе. Секогаш се трудиш да се претставиш најдобро што можеш, затоа што те следат и колегите“, вели Зоран Јакимовски, професор по ликовна уметност.

„Прекрасни луѓе, прекрасни домаќини. Мислам дека најголемите домаќини во Македонија се Вевчанци, без конкуренција. Секоја година различно сликам. Нормално, мојот стил го задржувам. Лани сликав пауни, ме инспирираа овде“, вели Петар Попчев, уметник.

И годинава, колонијата ја отвора вратата за млади сликарски таленти, а ќе се одржи и четвртата Детска ликовна школа.

Во изминатите шеснаесет изданија, „Вевчански видувања“ израсна во една од најзначајните ликовни колонии, а делата создадени овде одамна ги надминаа локалните рамки, беа изложени во светските метрополи. Годинашната колекција ќе биде претставена во Прага.

Соња Рилковска