Одбележани 78 години од протерувањето на Македонците од Грција
Вечна слава на загинатите и желба живите да се вратат во родните огништа беше пораката од одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на граѓанската војна во Грција и 78-годишнината од прогонствата на децата Македонци од Егејска Македонија кое се одржа пред споменикот на децата бегалци во паркот жена борец. Учесниците со порака – Бугарија и Грција да ги почитуваат човековите права на Македонците кои живеат таму.

Околу 20.000 загинати Македонци и 50.000 протерани, од кои повеќе од половина деца. Овој мрачен биланс од геноцидот и егзодусот од граѓанската војна во Грција и по 80 години е рак-рана за живите сведоци, но и нивните потомци.
Ова етничко чистење е страшна трагедија и голгота и една од најцрните точки во македонската историја, порачаа учесниците, додавајќи дека договорите што владата на Зоран Заев ги потпиша со Бугарија и со Грција, вршат легализација на геноцидот и окупацијата.
Вечна слава на загинатите и желба, живите да се вратат во родните огништа, порачаа учесниците, кои ставајќи ги болката и солзите на хартија, ги претвориле во поезија.
Во меѓувреме, од Министерството за култура информираат дека во тек е леењето на оригиналната плоча на споменикот на децата бегалци во паркот Жена борец, која пред седум години беше демолирана од страна на непознат сторител. Според учесниците на одбележувањето, зад сквернавењето стојат антимакедонски центри.
Првата светска средба на децата бегалци беше одржана во 1988 година.
Марија Котовска
