Македонија

ОЈО: Насилна смрт на жената пронајдена кај Летевци, уапсен е нејзинот поранешен сопруг

28.06.2026 19:54

Основното јавно обвинителство соопшти детали за смртта на 48-годишната жена чие тело беше пронајдено во фаза на распаѓање. Смртта е насилна. Приведен е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели…

Трагично заврши потрагата по 48-годишната жена од селото Таор, која пред два дена беше пријавена за исчезната.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје и екипи на Министерството за внатрешни работи, го пронашле телото при извршениот увид во тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци.

Првичните наоди од истрагата упатуваат дека станува збор за насилна смрт.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело, лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели“, велат од ОЈО.

Нејзиниот поранешен сопруг, кој е лишен од слобода под сомнение за убиство, како што објави Обвинителството, самиот ја пријавил за исчезната. За неговите тројца пријатели се проверува евентуална вмешаност во случајот.

Обвинителството ги презема сите истражни дејствија за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани.

Александра Велинова