ИН МЕМОРИАМ

Почина пејачот Владо Јаневски

28.06.2026 22:16

Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники.

Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники.

Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Последниот голем концерт, Владо Јаневски го одржа на 14 февруари годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а последниот настап за кој објави на социјалните мрежи e од март, кога ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Филхармонијата. Негов солистички концерт беше најавуван за 7 август на Античкиот театар во Охрид.

Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје, а дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Во текот на кариерата бил дел од музичките состави „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а свирел клавир, гитара и тапани.

Во 1998 година стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што со песната „Не зори зоро“ настапи во Бирмингем. Настапуваше и на бројни домашни и меѓународни музички фестивали, меѓу кои Југовизија, „Славјански базар“, како и фестивали во Ирска, Турција и Египет.

Во текот на својата кариера објави шест студиски албуми и остави богато музичко творештво, по кое ќе остане запаметен како еден од највлијателните македонски поп-изведувачи.

Со неговата смрт, македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи автори и изведувачи, чии песни повеќе од три децении се дел од домашната музичка ризница.