Високи температури, Македонија во портокалова фаза
Македонија во портокалова фаза поради високите температури кои се очекуваат денеска и утре. Температурите ќе бидат значително високи, а во одредени делови од земјата ќе достигнат и до 40 степени. Мал пад на температурите се најавува од среда.

Денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец. Температурата ќе се движи од 14 до 39 Целзиусови степени, информираат од УХМР.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Најавена е температура од 21 до 38 Целзиусови степени.
Синоптичарите најавија и за утре времето да биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Под влијание на циклонска активност од утре од попладневните часови, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Ќе дува умерен повремено засилен ветер претежно од северен правец, а од четврток ќе биде поизразен долж Повардарието и повремено наместа ќе надминува брзина од 50 километри на час.
