Култура

Изложба „Поместени граници“ и Ден на Виетнам во Скопје – две културни случувања во рамки на „Скопско лето“

29.06.2026 21:04

Во вторник, 30 јуни, скопската публика ќе може да проследи две културни манифестации – отворањето на изложбата „Поместени граници“ на ДЛУМ и „Денот на Виетнам во Скопје 2026“, кој ќе понуди музичка, изложбена и гастрономска програма.

Во рамки на програмата на „Скопско лето“, на 30 јуни во Скопје ќе се одржат две културни манифестации – изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и „Денот на Виетнам во Скопје 2026“.

Изложбата „Поместени граници“ ќе биде отворена во 20:30 часот во резиденцијалниот простор на улица „Атинска“ бр. 2 во населбата Тафталиџе. Кураторка е Гордана Велков, која концептот го темели на индивидуалните мемории и трансформацијата на семејниот дом во изложбен простор.

Според Велков, проектот „Разбудени сеќавања“ ги поместува границите на ликовниот израз преку евоцирање на личните сеќавања инспирирани од интимниот простор, а архитектурата, предметите и ентериерот стануваат дел од уметничкиот наратив. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 2 јули.

Истата вечер, од 19 до 21 часот, на Отворената сцена – Колонада на скулптури пред Националната опера и балет ќе се одржи „Денот на Виетнам во Скопје 2026“, во организација на Амбасадата на Виетнам во Бугарија, акредитирана и во Северна Македонија, во партнерство со Виетнамската асоцијација за култура и туризам во Европа, Виетнамскиот културен центар во Франција и фестивалот „Скопско лето“.

Настанот ќе понуди изложба посветена на виетнамското наследство и традиции, презентација на туристичката понуда на Виетнам, дегустација на традиционални специјалитети и можност за средба со уметници и културни партнери.

Во музичкиот дел од програмата ќе настапат гостинските уметници Тан Сон и Тан Нгок, придружувани од Гудачкиот оркестар „Луј“ при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, под диригентската палка на маестро Ле Фи Фи. Програмата ќе обедини дела од западната класична музика, виетнамски композиции и традиционална македонска музика.

Организаторите посочуваат дека целта на настанот е преку музиката, уметноста и гастрономијата да се продлабочат културните врски меѓу Виетнам и Северна Македонија.