Народната банка ги запозна компаниите од Белгиско-македонскиот бизнис клуб со придобивките од СЕПА
Народната банка организираше работилница за членките на Белгиско-македонскиот бизнис клуб, на која беа презентирани можностите и придобивките од извршувањето плаќања во евра преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).

Народната банка одржа работилница за компаниите членки на Белгиско-македонскиот бизнис клуб, посветена на можностите што ги нуди Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) и придобивките од нејзиното користење во деловното работење.
На работилницата претставниците на компаниите беа запознаени со функционирањето на СЕПА, како и со предностите што ги носи членството во европскиот платен простор. Беше посочено дека системот овозможува побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, со пониски надоместоци и поедноставени процедури при соработката со деловни партнери од земјите на Европската Унија.
Од Народната банка истакнаа дека користењето на СЕПА придонесува за зголемување на конкурентноста на компаниите, подобрување на деловната клима и нивно поуспешно вклучување во европските економски текови.
Работилницата е дел од серијата информативни и едукативни настани што Народната банка ги реализира во соработка со деловната заедница, со цел домашните компании подетално да се запознаат со можностите што ги нуди СЕПА и да се поддржи нивната понатамошна интеграција во европскиот платен простор.
