Примирје на хартија, закани на терен

САД и Иран утре продолжуваат со разговорите

29.06.2026 18:16

И покрај новите меѓусебни обвинувања и закани, Вашингтон и Техеран се договориле да ги запрат нападите и да ги продолжат техничките разговори во Доха. Во фокусот останува Ормускиот теснец, околу кој двете страни имаат спротивставени ставови.

Прекин на војната на хартија, тензии без прекин меѓу Иран и САД. И покрај размената на оган и меѓусебните обвинувања и закани викендов, двете земји се согласиле да стават крај на нападите и утре во Доха техничките тимови да ги продолжат разговорите, вклучително и за Ормускиот теснец, објави „Аксиос“. Вашингтон тврди дека бродовите слободно се движат низ протокот, додека Иран инсистира на задржување на контрола врз него.

„Според меморандумот за разбирање, Ормускиот теснец – под управување што ќе го преземе Иран – ќе се врати на својот предвоен капацитет во рок од 30 дена, откако ќе ги отстраниме пречките. Овие аранжмани моментално се усвојуваат и се спроведуваат, а одговорноста за овие аранжмани е на Иран“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

САД и натаму воено ќе ја уништуваат инфраструктурата на Иран доколку тие продолжат да го контролира Ормускиот теснец. Американскиот амбасадорот Валц за „Фокс Њуз Сандеј“, изјави дека претседателот Трамп секогаш и дава шанса на дипломатијата, но неговото трпение нема да трае вечно.

„Ако иранскиот режим помисли за секунда дека претседателот Трамп ќе седи додека Иран продолжува да напаѓа меѓународни бродови или нашите бази без одговор, тие за жал грешат. И тие го видоа тоа гласно и јасно во текот на последните неколку ноќи дека ние ќе продолжиме воено, доколку е потребно, да ја уништуваме нивната инфраструктура што се обидуваат да ја користат за нелегално да контролираат меѓународен воден пат. 143 земји се согласија со нас дека ова е кршење на меѓународното право. Обидот на Иран да го држи светот како заложник и нивните економии е целосно неуспешен“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во Обединетите нации.

Техеран бара и повлекување на израелските сили од Либан како дел од договорот, додека Тел Авив вели дека тоа ќе се случи по разоружување на Хезболах.

Катерина Бојаџиева