Потпишан грант од 2 милиони долари за подготовка на втората и третата фаза од хидросистемот „Злетовица“
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Светската банка потпишаа договор за грант од 2 милиони долари за подготовка на проектот за изградба на втората и третата фаза од хидросистемот „Злетовица“. Средствата ќе бидат наменети за ажурирање на проектната документација и обука на корисниците.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и директорката на Светската банка за регионот, Карол Межеван, денеска потпишаа договор за грант во вредност од 2 милиони долари за подготовка на проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица – фаза 2: наводнување и фаза 3: производство на електрична енергија“.
Со грантот ќе се финансира ажурирањето на проектната документација и обуката на корисниците, како дел од подготовките за реализација на проектот, кој има за цел унапредување на земјоделското производство и поефикасно искористување на водните ресурси.
Проектот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку постојната единица за имплементација на проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светската банка, додека краен корисник ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип.
Имплементацијата е планирана да трае 18 месеци, од 1 јули 2026 година до 31 декември 2027 година.
Од Министерството посочуваат дека со реализацијата на проектот ќе се обезбеди сигурно и одржливо водоснабдување за земјоделските површини, што ќе придонесе за повисока продуктивност, поквалитетни приноси и поголема конкурентност на македонското земјоделство.
