Култура

Драмски театар Скопје со две изведби на „Плејбои...“ гостува во Белград

29.06.2026 16:56

Драмски театар Скопје вечерва и утревечер ќе гостува во Белградскиот драмски театар со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, регионална копродукција што досега е изведена на повеќе фестивали во регионот.

Драмски театар Скопје со две изведби на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ гостува во Белградскиот драмски театар, со што го заокружува првиот дел од театарската сезона.

Претставата, во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, ќе биде изведена вечерва и утревечер со почеток во 20:30 часот. Станува збор за четирипартитна копродукција на Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва.

Во актерската екипа настапуваат уметници од сите четири театри, меѓу кои Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Авторскиот тим, покрај режисерот Пеновиќ, го сочинуваат Соња Должан, Лазе Трипков, Александар Ношпал, Владимир Пејковиќ и Дамир Клемениќ.

Од Драмски театар потсетуваат дека претставата минатата година два месеца се подготвуваше во Скопје, при што, покрај ансамблот, во реализацијата беа вклучени и сите технички служби на театарот.

Проектот е резултат на повеќегодишната соработка на театрите-членки на Регионалната унија на театри (РУТА), основана во 2019 година, со цел унапредување на регионалната театарска соработка преку заеднички продукции.

По премиерата на фестивалот „Град театар“ во Будва во август минатата година, претставата беше изведена на „Охридско лето“, на Бриони и на фестивалите РУТА во Скопје, Белград, Љубљана и Тиват. Со гостувањето во Белградскиот драмски театар, „Плејбои...“ ќе ја забележи својата 16. изведба.