Трагедија

Традицијата продолжува: Галичката свадба со новиот зет и невеста

29.06.2026 17:47

Галичник и годинава ќе биде домаќин на една од најзначајните културни манифестации во земјава – Галичката свадба. Со вековните свадбени обичаи, песни, ора и народни носии, ќе биде продолжена традицијата што повеќе од половина век го чува македонското културно наследство. Годинашни зет и невеста се Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои ќе ги оживеат свадбените ритуали пред бројни посетители од земјата и странство.

Има настани што ќе се случат, и ќе се заборават. Галичката свадба не е еден од нив. Таа е момент кога едно село, една планина и една традиција повторно добиваат глас. Кога тешкото и невестинското ќе одекнат силно, како симбол на македонскиот непокор.

Александар Пендароски и Мартина Михајлова се годинашните галички зет и невеста. Во нивната приказна е вткаена длабоката поврзаност со Галичник како место што не го доживуваат само како традиција, туку како дом, спомен и животна припадност.

Симболика и тежина на оваа галичка свадба и дава фактот што пред 35 години на првата галичка свадба родителите на Александар биле првите зет и невеста.

Во Галичник, свадбата станува јавна приказна. Селото е сцена, носијата е јазик, зурлата повик, тапанот срце, а младоженците стануваат дел од нешто поголемо од себе.

Галичката свадба традиционално се врзува со Петровденскиот викенд. Во тие денови селото повторно оживува со свадбени поворки, песни, ора, бајрак, свечени носии и ритуали што привлекуваат многубројни домашни и странски туристи.

 

Александра Спировска