Повеќе средства за ПИОМ, помалку за осигурување од невработеност
Собраниската Комисија за финансирање и буџет ги поддржа измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Со предложените измени се врши прераспределба на придонесите во корист на ПИОМ, без зголемување на вкупната стапка на придонеси. Опозицијата предупредува дека мерката е последица на, како што велат, лошото управување со пензискиот систем.

Измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување го поминаа филтерот на Комисијата за финансирање и буџет. За да се подобри финансиската состојба на ПИОМ, пратеници од владејачкото мнозинство предложија привремена прераспределба на придонесите од задолжителното социјално осигурување. Дел од парите што се издвојуваат за осигурување во случај на невработеност да се пренасочат кон Фондот за пензиско. Според предлагачите, ваквиот чекор е неопходен во услови кога Агенцијата за вработување располага со вишок акумулирани депозитни средства.
Опозиција обвини за колапс на пензискиот фонд и продлабочување на буџетската дупка.
Придонесот за пензиско и инвалидско осигурување треба да се зголеми од сегашните 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност ќе се намали од 1,2 на 0,1 процент.
Вкупната стапка на придонеси останува непроменета – 28 проценти, што значи дека не се зголемуваат трошоците за исплата на плати, туку само се менува распределбата на средствата меѓу двата фонда.
Александра Велинова
