Шест возачи приведени за безобѕирно возење – меѓу нив двајца малолетници и возач со активна забрана
Во изминатите 24 часа полицијата лишила од слобода шест возачи поради безобѕирно управување со возило. Петмина возеле без возачка дозвола, од кои двајца се малолетници, додека еден бил затекнат зад волан иако имал активна забрана за управување.

Полициски службеници во текот на изминатото деноноќие лишиле од слобода шест возачи на територијата на целата држава поради безобѕирно управување со моторни возила.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пет лица управувале возила без возачка дозвола. Меѓу нив има двајца малолетници, а прекршоците биле евидентирани во Скопје, Гостивар, Куманово, Кавадарци и Прилеп.
Дополнително, на Граничниот премин Деве Баир бил приведен возач кој управувал патничко возило и покрај тоа што имал активна забрана за управување.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена забрана за управување или се под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
