Измените на Изборниот законик во собраниска процедура, опозицијата најавува блокада
Измените на Изборниот законик влегоа во собраниска процедура, но веднаш се соочија со пречка. Левица и СДСМ најавија блокада. Партијата на Апасиев реагира за политичка дискриминација за парите и пристапот до рекламирање. Власта препозна непринципиелност, бидејќи „Левица“ претходно дала согласност во работната група, каде, пак, не учествуваше СДСМ. Филипче изрази сомнеж во манипулации со гласовите од дијаспората.

Работната група ги заврши преговорите, власта плус ДУИ во собранието ги поднесе измените на Изборниот законик за спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за платеното политичко рекламирање, како и за електронското гласање на дијаспората. Но, документот остана без потписот на „Левица“, од каде најавија блокада поради политичка дискриминација. Апасиев бара Уставен да одлучи за распределбата на парите.
Власта препозна непринципиелност – пратеникот Милошоски рече дека „Левица“ претходно дала согласност за решението, кое предвидува по 42 проценти од средствата да добијат двете најголеми партии од власта и опозицијата, 8 да добијат оние партии со пратеничка група, 5 оние без група и 3 за вонпарламентарните партии и независните.
Иако не учествуваше во работната група, и СДСМ најави блокада на Изборниот законик. Измените не се ниту демократски, ниту европски, вели Филипче. Социјалдемократите се против електронското гласање на дијаспората зашто отвора ризик од контролирано гласање.
Работната група не постигна консензус за барањето од помалите партии за една изборна единица, па останува решението со 6.
Во меѓувреме, независните граѓански иницијативи побараа еднакви услови за учество на изборите како политичките партии.
Игор Панов
