Вашингтон и Техеран повторно на преговарачка маса
По викенд нападите, Вашингтон и Техеран во Доха одново на преговарачка маса. Темите остануваат исти-Ормускиот теснец, Либан и нуклеарната програма. Двете страни имаат рок приближно до средината на август за да постигнат траен мировен договор.

По викенд нападите, ирански и американски преговарачи, во Доха, на нов состанок по потпишувањето на меморандумот за крај на војната. Она што претстои се технички разговори со медијаторите Пакистан и Катар. На маса се деталите за пловидбата низ Ормускиот теснец, Либан, ослободувањето од санкции за Иран и иднината на иранските резерви на високо збогатен ураниум. Вашингтон и Техеран имаат рок приближно до средината на август за да постигнат траен мировен договор, вклучувајќи договор за спорната нуклеарна програма.
„Ние се справуваме многу добро на тој фронт. Но, состанокот во Доха можеби ќе биде важен, можеби не. Ќе откриеме, секако победуваме воено. Навистина е многу едноставно. Тоа е денуклеаризација на Иран. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје, а тие нема да имаат, се согласија на тоа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Германскиот министер за надворешни работи при посетата на Вашингтон изјави дека европските земји мора да играат одлучувачка улога во обликувањето на секој иден договор со Техеран, особено имајќи ја предвид постојната рамка на санкции против Иран.
„Мора да се разјасни дека ова е можност за дипломатија во ситуација која останува кревка во целина. Бидејќи и покрај договореното примирје, Иран се чини дека е спремен да ја засили ескалацијата по своја волја. Марко Рубио и јас исто така, се согласивме за витално, долгорочно отворање на Ормускиот теснец. Со оглед на постојните санкции против Иран, ние Европејците на крајот мора да играме одлучувачка улога во целокупната слика за идното решение“, рече Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Неизвесноста околу мировниот договор меѓу САД и Иран влијаеше врз синџирите за снабдување со нафта, што негативно се одрази врз економиите во светот. Во исто време Трамп побара од трговците на мало да ги намалат цените на горивата.
„Се соочивме со перспектива за зголемување на основната инфлација и проекција според која инфлацијата се враќа на два насто само во последниот квартал од 2027 година, што само по себе беше условено од приспособување на монетарната политика. Нашата анализа покажа дека одржувањето на каматните стапки би ја оставило инфлацијата над 2% во 2027 и 2028 година“, нагласи Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка.
Цените на пазарот на црното злато флуктуираа за време на војната, додека европската економија се држеше подобро од очекуваното наспроти пречките од воведувањето нови тарифи за европскиот увоз од страна на американскиот претседател Трамп.
Маријана Димовска
