Формиран специјализиран Task Force за борба против недозволената трговија со дрога
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, формираше специјализиран Работен тим – Task Force за поинтензивна и покоординирана борба против недозволената трговија со дрога. Од Бирото велат дека целта е поефикасно откривање и разбивање на криминалните групи што дејствуваат на локално, национално и меѓународно ниво.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска формираше специјализиран Работен тим – Task Force, кој ќе биде задолжен за поинтензивно, покоординирано и попрецизно откривање, документирање и разбивање на криминалните групи и поединци вклучени во недозволената трговија со дрога.
Како што соопштија од БЈБ, тимот е формиран согласно законските надлежности на директорот и ќе биде насочен кон сузбивање на криминални структури што дејствуваат на локално, регионално, национално и меѓународно ниво.
Од Бирото наведуваат дека со формирањето на специјализираниот тим борбата против недозволената трговија со дрога влегува во нова фаза, во која ќе бидат ставени во функција сите расположливи човечки, оперативни и технички капацитети на полицијата, со цел поефикасно справување со овој вид организиран криминал.
Во соопштението се посочува дека недозволената трговија со дрога претставува една од најсериозните закани за општеството, со последици врз поединците, семејствата, заедниците и младите.
Од БЈБ додаваат дека надлежните служби ќе дејствуваат координирано и обединето против сите поединци и криминални групи што се занимаваат со овој вид криминал.
Воедно, Бирото ги повика граѓаните да бидат партнери во борбата против недозволената трговија со дрога, истакнувајќи дека секоја информација или пријава може да придонесе за спречување на ширењето на овој вид криминал и за зголемување на безбедноста.
