Во Доха продолжуваат разговорите меѓу САД и Иран, рокот за договор е до средината на август
Со посредство на Катар и Пакистан, во Доха продолжуваат техничките преговори меѓу САД и Иран. Во фокусот се иранската нуклеарна програма, безбедноста на Ормускиот Теснец и регионалната стабилност.

По викенд-нападите, во Доха продолжуваат техничките преговори меѓу САД и Иран, со посредство на Катар и Пакистан. Вашингтон и Техеран имаат рок до средината на август да постигнат траен мировен договор, вклучително и договор за спорната иранска нуклеарна програма.
„Ормускиот Теснец е една од главните теми на преговорите, но не и единствената. Се разговара и за нуклеарната програма и регионалната состојба. Нашиот став е јасен – пловидбата низ теснецот мора да остане слободна и непречена. Техничките разговори напредуваат и се надеваме дека овие прашања ќе бидат решени во рок од 60 дена“, изјави Маџед Ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.
Катар потврди дека не се планирани средби на високо ниво, но дека каналите за деескалација остануваат отворени откако двете страни излегоа со спротивставени ставови за форматот на разговорите. САД тврдат дека разговорите биле иницирани од Иран, Техеран ги негира директните преговори.
„Дискусијата во Доха се однесува на одредбите од меморандумот за разбирање, вклучително и ослободувањето на замрзнатите средства на Иран, која ќе биде со катарските страни. Затоа, нагласувам: не сме планирале никаква средба на кое било ниво со американската страна“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.
Очекувањата од Вашингтон воздржани, главната цел и натаму иста-Иран нема да развие нуклеарно оружје.
„Состанокот во Доха можеби ќе биде важен, можеби не. Ќе откриеме, секако победуваме воено. Навистина е многу едноставно. Тоа е денуклеаризација на Иран. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје, и нема да имаат, се согласија на тоа“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Паралелно, Берлин бара Европа да има клучна улога во идниот договор со Иран, поради санкциите.
„Со оглед на постојните санкции против Иран, ние Европејците на крајот мора да играме одлучувачка улога во целокупната слика за идното решение“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Неизвесноста околу договорот влијае врз нафтените пазари и светската економија.
Бојана Крстевски
