Мицкоски ги соопшти деталите за реконструкцијата на неговиот кабинет
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти деталите за владината реконструкција. Неговата партија ги добива ресорите здравство и социјала. Клековски од ФЗО се сели на новата функција, Перински доаѓа на негово место, досегашниот заменик Велков станува министер. Правда, култура и политички систем одат кај „Вреди“, ЗНАМ се задоволува со земјоделство. Првичната промена што треба да се случи до средината на јули опфаќа осум министерства. Мицкоски порача – време е за ефикасност и резултати.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги соопшти деталите за реконструкцијата на неговиот кабинет.
ВМРО-ДПМНЕ ги добива здравство и труд и социјала, ЗНАМ земјоделство, а „ВРЕДИ“ правда, политички систем и односи со заедниците и култура.
Сашо Клековски од ФЗО се сели во Министерството за здравство, а на негово место доаѓа Златко Перински, чијашто фотелја ќе ја пополни досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ.
Во социјала ќе министерува досегашниот заменик, Ѓоко Велков. Правда од ЗНАМ се сели кај „Вреди“, но Мицкоски не ги потврди кадрите од оваа партија. Тој кажа дека повеќе ќе нема вицепремиер за добро владеење – ресорот ќе биде директно под премиерскиот кабинет, а Владата ќе има двајца вицепремиери помалку од досегашниот состав. Ова е почеток на нова фаза, по две години исполнети со предизвици, поставување на темелите и реализација на крупни проекти – време е за забрзување на процесите, порача Мицкоски.
Освен правда, министер без ресор за стратегијата за Ромите ќе биде Ерџан Демир. Шабан Салиу повеќе нема да биде министер, а министерско место без ресор добива Турската демократската партија.
Премиерот Мицкоски најави дека до петок ќе го достави предлогот во Собрание.
ЗНАМ го доби земјоделство, нов министер ќе биде досегашниот државен секретар Борче Стефановски.
Се очекува новата Влада биде избрана до средината на јули. За заменик-министрите ќе се разговара од септември.
Борис Грујоски
