Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ наскоро ќе биде пуштен во употреба, започна расчистувањето на трасата
По решавањето на процесот на експропријација и истекот на рокот за преселување на семејствата што живееја на трасата, започна расчистувањето на булеварот „АСНОМ“ кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Од Градот информираат дека проектот влегува во завршна фаза и најавуваат дека мостот конечно ќе биде ставен во функција.

Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ влегува во завршната фаза пред неговото целосно ставање во функција, соопштија надлежните, оценувајќи дека по долгогодишниот застој конечно се создадени услови за завршување на проектот.
Како што наведуваат, решавањето на процесот на експропријација овозможило продолжување на активностите на терен. По истекот на рокот за преселување на семејствата кои живееја на трасата, започнало расчистувањето на булеварот „АСНОМ“ од страната на мостот, што претставува еден од клучните чекори за негово пуштање во употреба.
Истовремено продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување.
Од Градот посочуваат дека реализацијата на проектот е резултат на континуирана работа и исполнување на обврската мостот да биде ставен во функција во текот на актуелниот мандат. Воедно, изразуваат благодарност до семејствата кои, како што наведуваат, со разбирање и соработка придонеле за надминување на долгогодишниот проблем, како и до институциите и сите учесници во процесот.
Во соопштението се наведува дека покрај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, во изминатиот период биле откочени и други значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот „Македонија“.
Според најавите, целта е подобрување на сообраќајната инфраструктура и создавање помодерно, пофункционално и подобро поврзано Скопје.
