Блиски Исток

Разговорите за Ормускиот теснец во фокусот на средбите во Доха

02.07.2026 14:02

Прашањето за контролата на Ормускиот теснец останува главна точка на сопнување меѓу Вашингтон и Техеран. Сепак, американските и иранските претставници нотираат напредок во преговорите со посредство на Катар и Пакистан. Разговорите продолжуваат по погребните церемонии за поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во почетокот на војната кон крајот на февруари…

Медијаторите Пакистан и Катар известија за позитивен напредок во индиректните разговори меѓу САД и Иран во Доха по прашањата поврзани со рамковниот договор постигнат пред две недели за завршување на војната. Разговорите биле фокусирани на Ормускиот теснец, а не на нуклеарните прашања, истакна потпретседателот Венс.

„Очигледно ќе им дадеме на преговорите што е можно повеќе шанси за успех. Но, секако, ако се обидат да ја обноват нуклеарната програма, ако одбијат инспекции, ако продолжат со пукање врз комерцијални бродови, тогаш очигледно претседателот сè уште има многу опции на маса“, изјави Џејмс Давид Венс, потпретседател на САД.

Вашингтон и Техеран се договорија како дел од привремениот договор да им дозволат на бродовите 60 дена да поминуваат низ теснецот без да плаќаат такси. Исламската Република инсистира дека мора да ги контролира рутите, а подоцна да наплаќа такси за премин, за што Вашингтон и многу арапски земји се против. Иранските власти велат дека на инспекторите на ООН нема да им биде дозволен пристап до бомбардираните и оштетени нуклеарни локалитети.

„Суверенитетот над Ормускиот теснец им припаѓа на Иран и Оман, а со договорите што ги утврди Иран, сепак, ќе се консултираме и со другите земји од Заливот. Доколку имаат мислења за договорите, ќе разговараме“, изјави Мохамед Багер Калибаф, главен преговарач на иранската делегација и претседател на парламентот на Иран.

Страните се согласиле да продолжат со дискусиите во наредниот период, а следниот состанок ќе биде закажан по погребните церемонии за поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во почетокот на војната кон крајот на февруари. Церемониите почнуваат на 4 јули во Техеран и во градот за аџилак, Ком. Погребот треба да се одржи на 9 јули во родното место на Хамнеи, Машхад, на североистокот од земјата.

Маријана Димовска