Во повеќе од половина општини нема тендери за обележување пешачки премини, цените се разликуваат и до четирикратно
Повеќе од половина од македонските општини во периодот од 2023 до 2025 година немале ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Анализата укажува дека недоволното и неквалитетно обележување на пешачките премини е поврзано со начинот на кој локалните власти ги спроведуваат јавните набавки, а открива и значителни разлики во цените и недостиг на јасни стандарди за квалитет.

Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави истражувањето и базата на податоци за општинските тендери за бележење пешачки премини, при што констатира дека непостоечките и избледени пешачки премини, кои секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, во голема мера се последица на начинот на кој општините ги спроведуваат јавните набавки за нивно обележување.
Според истражувањето, 46 од вкупно 81 општина немале ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во електронскиот систем во периодот од 2023 до 2025 година.
Анализата покажува и дека помали општини распишувале тендери секоја година, додека некои значително поголеми општини, со повеќе жители и погуст сообраќај, набавки за оваа намена спровеле само еднаш или двапати во истиот период.
Дополнително, Центарот за граѓански комуникации утврдил дека само дел од општините пропишуваат конкретни стандарди за бојата што се користи за обележување на пешачките премини. Во голем број случаи, техничката спецификација е сведена на описот „боја за патишта“, без јасно дефинирани критериуми за квалитет и трајност.
Оттаму предупредуваат дека без минимални технички барања не постои механизам за проверка колку долго ќе трае набавената боја, што отвора простор јавните средства да се трошат без очекувани резултати.
Истражувањето открива и големи разлики во цените. Бојата за патишта била набавувана по цени од 132 до 296 денари за килограм, додека услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движеле од 281 до 802 денари за квадратен метар, што претставува разлика и до четири пати.
