Македонија

Ревизијата утврди неправилности во работењето на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија

02.07.2026 12:50

Неажурна евиденција на лекови и материјали, неправилности во јавните набавки, стари ненаплатени побарувања и разлики во наплатата на партиципацијата се дел од наодите во ревизорскиот извештај за работењето на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година.

Државниот завод за ревизија утврдил повеќе слабости во финансиското работење и усогласеноста на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година. Ревизијата резултирала со позитивно мислење за финансиските извештаи, но мислење со резерва за усогласеноста на работењето, при што се дадени осум препораки за надминување на констатираните состојби.

Според ревизорскиот извештај, на Клиниката не е воспоставено ажурно и навремено евидентирање на потрошувачката на лекови и медицински материјали во сметководствената и материјалната евиденција. Дополнително, дел од набавките биле реализирани пред склучување договори, а во установата не е формирана болничка аптека преку која би се управувало со залихите.

Ревизорите утврдиле и несоодветна примена на Законот за јавните набавки во дел од спроведените постапки, како и побарувања постари од три години за кои постои неизвесност дали ќе бидат наплатени. Констатирана е и разлика меѓу пресметаната и наплатената партиципација за извршените здравствени услуги.

Извештајот укажува и на голема оптовареност на Клиниката. Дури 66 проценти од вкупниот број реализирани прегледи биле извршени преку итни упати или упати без термин, што, според ревизорите, претставува значително отстапување од планираниот начин на користење на системот „Мој термин“ и може негативно да влијае врз организацијата на работниот процес, користењето на капацитетите и достапноста на здравствените услуги за пациентите.