Масовен руски напад врз Киев, десетици загинати и повредени
Русија ноќеска изврши еден од најсилните комбинирани напади врз Киев со ракети и стотици дронови. Загинаа најмалку 13 лица, над 40 се повредени, а Полска како мерка на претпазливост ги активираше борбените авиони за заштита на својот воздушен простор.

Русија во текот на ноќта изврши голем комбиниран напад врз главниот град на Украина со десетици крстосувачки и балистички ракети, и со стотици беспилотни летала. Интензивните гранатирања го тресеа Киев со часови, жителите ја поминаа ноќта во засолништа … Пријавени десетици жртви и повредени од двете страни на реката Днепар. Поради воените дејствија во соседството, Полска објави дека ги активирала борбените авиони за заштита на воздушниот простор
„Ужасно е. Прозорците на собите се скршени. Завесите се скинати, во кујната исто така.“
„Кај 3, 4 часот наутро, зградата почна силно да се тресе, дури и на паркингот се почувствува силна вибрација, а потоа следуваше експлозија. Веднаш беше очигледно што се случи во близина.“
„Спиевме и тоа не спаси, бидејќи обично седиме тука до вратата и експлозијата ќе можеше едноставно да не убие.“
„Една експлозија по друга. Имаше четири директни удари врз станбени згради. Сакаа да убијат луѓе – тоа беше нивната единствена цел.“
„Јас, сопругата и нашата мачка бевме во засолниште. Засолништето од бомби е на околу 150 метри оттука. Потоа имаше една експлозија, па дури и засолништето се затресе.“
„Мојот сопруг, нашето куче и јас бевме во засолништето од бомби. Нема ништо останато во нашиот стан. Сè што имавме е исчезнато. Сè изгоре“-сведочат жители на Киев.
Врховниот командант на Украина Олександр Сирски, вели дека Кремљ и наредил на војската да пронајде начини Русија да почне нови офанзивни операции во Украина за да го освои Киев. Според него, ова вклучува руски офанзиви започнати од белоруска територија за да го освојат украинскиот главен град и околните области.
„Преку ноќ, непријателот почна масовен напад врз украинските градови. Најтешките напади се случија врз Киев. Во моментов, 13 лица се убиени, а повеќе од 40 се повредени. Дваесет станбени згради беа сериозно оштетени или делумно уништени. Стотици домови беа исто така оштетени од бранот на експлозијата и остатоците“, изјави Ихор Клименко, министер за внатрешни работи на Украина.
Нападот следуваше кратко откако украинскиот претседател предупреди дека Москва подготвува нов масовен воздушен удар. Во исто време, претседателот Путин реши да ја прошири централната управа на Федералната служба за обезбедување од 785 на 812 лица, која е задолжена за неговата лична безбедност и за заштитата на највисоките државни институции. Од почетокот на војната во Украина, ова е четврто зголемување на бројот на вработени во оваа служба.
Маријана Димовска
