Брисел

ЕК ќе ги пренасочи средствата од реформскиот фонд за Западен Балкан кон земјите што се предводници во процесот

02.07.2026 16:13

Европската комисија е подготвена да ги прераспредели средствата за реформи за Западен Балкан во корист на земјите кои се водечки во процесот, објави Еуроњуз. Црна Гора, Албанија и Македонија се најнапредни во процесот на пристапување, благодарение на домашните реформски агенди. Досега се ослободени околу 673 милиони евра од предвидените 6 милијарди. Корисниците имаат една година да ги исполнат условите пред средствата да бидат прераспределени.

Македонија, Албанија и Црна Гора се меѓу најуспешните корисници на европската финансиска поддршка, а Европската комисија подготвува пренасочување на средствата од Планот за раст за Западен Балкан, кон земјите со најголем реформски напредок.

Тригодишниот План за раст, кој беше воспоставен во 2024-та година за финансиска поддршка на земјите кандидати во спроведувањето на реформите, изнесува вкупно 6 милијарди евра. Негова цел е забрзување на економскиот раст, со цел западнобалканските економии значително да се приближат кон Унијата. Од него, досега се исплатени околу 700 милиони евра, од кој најголем дел кон трите најуспешни земји, Македонија, Албанија и Црна Гора.

Унијата, во наредниот период, за овие три земји ќе одобри речиси 200 милиони евра. Според оценките на Европската комисија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија заостануваат во исполнувањето на обврските. Според правилата, земјите мора да ги реализираат договорените реформи во утврдените рокови, а во спротивно, Европската комисија може да го задржи или целосно пренасочи предвиденото финансирање, кон земјите со најдобри резултати. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна информираше дека соседна држава, членка на Унијата, преку дипломатски канали лобира, Македонија да остане без европските фондови и поддршка, со цел забавување на развојот и економски притисок.

 

Марија Котовска