Наместо ресурс, биоотпадот завршува на депонија
Наместо на депонија, биоотпадот може да заврши како компост, енергија и нова економска вредност. До 60 проценти од комуналниот отпад што го создаваат домаќинствата е органски, но во Македонија најчесто се меша со останатиот отпад. Експертите предупредуваат дека со одделно собирање не само што ќе се намали загадувањето, туку ќе се спречат и пожарите.

Од 50 до 60 проценти од комуналниот отпад што го создаваат домаќинствата е органски. Наместо да се користи за производство на компост и да донесе нова економска вредност, истиот завршува на депонија. Целта на проектот „нула биоотпад“, кој се спроведува во четири плански региони во земјава, е преку системски промени и соработка со граѓаните, да се создадат општини кои ќе го искористат органскиот отпад. На тој начин ќе се намалат и пожарите коишто зафаќаат стрништа, шуми, депонии. Регулатива за управување со биоотпадот има, но таа најчесто не се почитува, укажуваат експертите.
„Да се искористи биоотпадот затоа што има енергетски, хранлив потенцијал најмногу она што го препорачуваме како најисплатлива опција е голем процент од овие количини да се наменат за компост. Сето тоа не е едноставно, но бара понатаму лабораториски испитувања, докажувања и подигање на свеста дека е користен супстрат за земјоделски, градинарски производи нешто што не го користиме доволно зборувам во целата држава“, истакна Катерина Георгиевска, експерт на проект.
Експертите потсетуваат дека е во тек изградба на регионалната депонија во Свети Николе, која ќе го опслужува и североисточниот регион. Но потенцираат неопходно е да се размислува и за развивање на систем за одделно собирање и третирање на биоотпадот. Европа веќе бележи значајни резултати.
„Го користат како ресурс прават и нови производи кои им носат нов профит на бизнис секторот но и на целото општество. Но исто така и овозможуваат да има почиста животна средина. Да не се фрла, расфрла па да биде опасност за граѓаните, населбите туку да се стави во нормални организирани текови“, истакна Лилјана Поповска, експерт на проект.
По регионалните форуми низ регионите здруженијата ќе направат физибилити студија со насоки за преземање на идни чекори. Проектот Нула Биоотпад е поддржан од Цивика мобилитас и швајцарската влада, а го спроведуваат Зелен Институт и Здружението на сопственици на приватни шуми.
Елена Георгиевска
