Народна банка

Банкарскиот сектор останува стабилен, нефункционалните кредити паднаа на историски најниски 1,9%

02.07.2026 20:08

Банкарскиот сектор ја задржал стабилноста и во првиот квартал од 2026 година, со висока солвентност, задоволителна ликвидност и раст на кредитите и депозитите. Според Народната банка, стапката на нефункционални кредити е намалена на историски најниско ниво од 1,9 отсто.

Советот на Народната банка на редовната седница го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година, според кој банкарскиот сектор останува стабилен, со високо ниво на солвентност, задоволителна ликвидност и добар капацитет за справување со потенцијални шокови.

Како што се наведува во Извештајот, резултатите од спроведените стрес-тестови покажуваат дека банките располагаат со доволна отпорност и стабилност и покрај постојните ризици.

Во првиот квартал од годинава продолжил растот на кредитната и депозитната активност, иако со побавно темпо во споредба со претходниот квартал, главно поради вообичаените сезонски ефекти.

Дополнително, подобрен е квалитетот на кредитното портфолио и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор, што придонело вкупната стапка на нефункционални кредити да се намали на историски најниско ниво од 1,9 проценти.

Од Народната банка посочуваат дека банкарскиот сектор и натаму остварува позитивен финансиски резултат, на ниво слично како во истиот период лани, со што се задржуваат солидните показатели за профитабилност.

Централната банка најавува дека и во наредниот период внимателно ќе ги следи ризиците и, доколку биде потребно, ќе ги примени сите расположливи инструменти и мерки за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

На истата седница, Советот разгледал и усвоил и повеќе материјали поврзани со тековното работење и надлежностите на Народната банка.