МВР распиша повик за прием на 200 ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“
Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за прием на 200 ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“. Право на пријавување имаат ученици кои завршиле втора година средно образование и ги исполнуваат предвидените услови.
Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за прием на 200 редовни ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“, кое функционира во рамки на Полициската академија.
На повикот можат да се пријават ученици кои завршиле втора година средно образование, се државјани на Република Северна Македонија, немаат наполнето 18 години, активно го користат македонскиот јазик и се здравствено и психофизички способни.
Кандидатите треба да имаат најмалку добар успех во прва и втора година, без изречени педагошки мерки, а ќе поминат низ три фази на селекција – проверка на моторичките способности, општообразовен тест и интервју.
Пријавувањето трае 15 дена од денот по објавувањето на јавниот повик, а документите се поднесуваат во секторите за внатрешни работи и во определени полициски станици во Скопје.
За запишаните ученици МВР обезбедува сместување, исхрана и работна облека, а по завршувањето на четиригодишното образование ќе им биде понудено вработување на работно место полицаец, согласно закон.
