ММФ и Светска банка ќе го анализираат пензискиот систем
За пензиски реформи се размислува, но, засега нема одлука дека нешто ќе се менува. Финансии очекува ММФ да предложи зголемување на старосната граница, но тоа не значи дека владата ќе прифати. Димитриеска-Кочоска уверува дека сите предвидени средства ќе бидат префрлени во вториот столб.

Илјадници повозрасни вработени, но и невработени ќе можат предвреме да одат во пензија ако си го докупат стажот. Но, претходно ќе треба да се направат измени во пензискиот закон, објасни министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која даде отчет за сработеното. Таа посочи дека Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ќе спроведат детална анализа на Пензискиот фонд, и на Првиот и Вториот пензиски столб, по што ќе изготват препораки за реформи. Владата не е обврзана да ги прифати нивните предлози.
За годинава во Буџетот се обезбедени 19,6 милијарди денари што треба да се префрлат во Вториот пензиски столб, со што, нема да има промени во планираните трансфери. Таа очекува една од препораките на меѓународните финансиски институции да биде зголемување на старосната граница за пензионирање. Димитриеска-Кочоска оцени дека јавните финансии се стабилизирани во изминатите две години и дека јавниот долг во првиот квартал од 2026 е 58,9% од БДП, што, според неа, е пониско од проекциите при преземањето на мандатот. Првата финансиерка потврди дека до крајот на годинава ќе има ново странско задолжување.
Таа нагласи дека во изминатите две години фокусот бил ставен на зголемување на капиталните инвестиции во патна, железничка, енергетска, образовна и комунална инфраструктура, како и во одбраната и безбедноста. Според неа, се воспоставил нов модел на управување со јавните инвестиции преку Комитет за јавни инвестиции, со кој, како што рече, се воведени јасни критериуми за избор на проекти и поголема финансиска дисциплина.
Борис Грујоски
