Странски експерт за врвно чоколадо во „Витаминка“
Рецептите за врвното чоколадо најчесто се тајна. Германски експерт со искуство во Нестле им ги открива тајните на технолозите на „Витамика“. Оттаму задоволни и подготвени за нова инвестиција. Владината програма влезе во втората фаза со ангажирање дваесетина експерти во македонските компании.

Како да се направи врвна чоколада? За вкусовите не се расправа но за технологијата и квалитетот, има мегдан за работа. На тоа три недели работеа „Витаминка“ и германскиот експерт, ангажиран преку владината програма. Домаќините задоволни.
„Работевме за подобрување на вкусот и конзистенцијата на чоколадата во споредба со најпродаваните марки овде, како репер, наидовме на добра соработка“, вели Марјан Танески, технолог во „Витаминка“.
За експертот, со искуство и во „Нестле“, рецептот е во константниот квалитетет и состојките.
„На лице место сум да помогнам за квалиетот, производството, за понатамошното унапредување и усовршување. Ако се сака да се има врвен квалитет, треба да се земе врвно какао“, вели Јоаким Чемба, германски експерт за чоколада.
Преку владината програма „Витаминка“ сака пак да ангажира експерти. Преку 42 насто од производството пласира во светот. Се подготвува за новата инвестиција од два и пол милиони евра.
„Околу март, крајот на март, треба да биде тој рок испочитуван за да се донесе опремата и да почне првото производство“, вели технологот Танески.
Владината програма за ангажирање експерти во македонските компании влезе во втората фаза. Нови 20-тина ќе им помагаат на фирмите да се развиваат, да го зголемат профитот и за економски раст во земјава.
Освен на „Витаминка“, уште неколку експерти им помагаат на македонските компании. Во овој циклус, освен од Германија, Холандија, ЕБРД и Швајцарија, ќе бидат вклучени и експерти од Италија и Австрија.
Елизабета Митреска
