Ново судско рочиште во случајот против суспендираниот апелациски судија, Ѓоко Ристов
Во Кривичниот суд – ново рочиште против суспендираниот апелациски судија, Ѓоко Ристов, обвинет за противзаконско стекнување и прикривање имот, како и за перење пари. ДНК траги на судијата Ѓоко Ристов, но не и од отпечатоци од прсти пронашле форензичарите при анализа на доказниот материјал во случајот со соѕиданите 350 илјади евра. Тројца експерти на Одделот за форензички испитувања, дадоа исказ на предлог на Обвинителството...

ДНК траги на судијата Ѓоко Ристов, но не и од отпечатоци од прсти пронашле форензичарите при анализа на доказниот материјал во случајот со соѕиданите 350 илјади евра. Тројца експерти на Одделот за форензички испитувања, дадоа исказ на предлог на Обвинителството. Од 13 брисеви на кои работеле, траги имало само на два, а вештачењето покажало совпаѓање со ДНК профилот на суспендираниот апелациски судија. Се барале и отпечатоци на фолиите во кои биле смотани парите, на ќесиња и на селотејп траки, но експертката кажа дека трагите од прсти, по извршената споредба, не одговарале со оние на судијата и неговите родители.
Одбраната го спори начинот на кој се чувани доказите. Велат дека постои можност за крос-контаминација на доказниот материјал, а сметат и дека дел е прибавен незаконски. Претходно адвокатот побара, но судот не дозволи, дел од овие докази да се изземат од списите на предметот.
На Ристов му се суди за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари. При претрес на домот на неговите родители беа пронајдени 350 илјади евра скриени зад плочките во кујната, за кои обвинителството тврди дека се стекнати нелегално.
Анита Димитријевска – Велковска
