Се санираат штетите од невремето, повторно на удар инфраструктурните слабости
Штетите од невремето се санираат, надојдената вода на површина ги исфрли недоволниот капацитет на атмосферската мрежа и последиците од претераната урбанизација.

Се расчистува градот од последиците по поројниот дожд што предизвика хаос во метрополата. На одредени места наврнаа 74 литри вода на квадратен метар – поплавени подвозници, улици, домови, заглавени возила, а дел од сообраќајот беше во прекин. Атмосферската канализација нема капацитет да го прими големото количество вода што за кратко време се слеа во централното градско подрачје, велат градските власти.
„Толкав е капацитетот на атмосферската канализација, кога се случува ваков тип на невреме нема капацитетот истата да го прими целиот притисок кој произлегува. Од страна на Сопиште, од страна на Водно огромна количина на вода се спушташе во централното градско подрачје. Мислам дека добро се справивме, фала му на бога нема жртви што е најважно во целиот процес. Има оштетено неколку возила, поплавени се неколку домови на граѓаните. Ние сме подготвени и за денес, бидејќи има најава за слично такво невреме“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Но, не е проблем само атмосферската канализација – вели професорот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина. Инвеститорите не вложуваат доволно во инфраструктурата и не ги применуваат мерките за заштита при изградба на згради, плоштади или паркови.
„Мора да предвидиме и задржување на водата, ретенциони базени места каде ќе се собира оваа вода и мора да ја ослободиме почвата во градот. Ние прекумерно ја покриваме почвата поради што таа нема апсорпциска моќ. Дополнително кога има многу високи температури во подолг временски период добива таква конзистенција што дури и кога ќе биде навлажнета делува како хидроизолација, како заштита. Почвата не може да ја впие прекумерната вода и оттука всушност ни се случуваат тие поројни текови кои за жал во Скопје се карактеристични“, објаснува професорот Марина.
Во Скопје има околу 320 километри атмосферска канализација и повеќе од 20 илјади сливници, но сè уште има делови од градот без целосна покриеност.
„Има мислам дека околу 320 километри атмосферска канализација на ниво на Градот Скопје и повеќе од 20 илјади сливници. Сите овие нови проекти кои ги работиме во моментов на пример Лимак, тој е еден потег каде што немаме целосна покриеност со атмосферска канализација. Мостот Љубљанска и тој дел, немаме целосна покриеност на атмосферска канализација, или клучката Момин поток. Систематски ќе работиме за разлика од минатото кога се градело колку да се изгради нешто“, дополнува градоначалникот Ѓорѓиевски.
Поројните дождови сè почесто ги ставаат на тест урбанистичките решенија и комуналната инфраструктура во главниот град.
Невремето и овојпат ги отвори истите прашања за слабите точки на градската инфраструктура – нечисти сливници, слаб одвод и локации каде при секој посилен дожд се создаваат поплави и прекин во сообраќајот.
Андријана Ѓурческа
