По поплавата на Онкологија- терапијата продолжува, нема радијациона опасност
По навлегувањето вода во подрумските простории на Клиниката за онкологија, просторот е исчистен и дезинфициран, а надлежните потврдија дека нема радијациона контаминација. Пациентите претходно биле евакуирани од безбедносни причини.

На Клиниката за Онкологија тековно се одвиваат работите, откако изобилните врнежи предизвикаа проблеми. Водата навлегла во подрумските простории, па морало да се евакуираат пациентките третирани со радиоактивен јод. Лекувањето привремено било запрено, зашто апаратите морале да бидат исклучени од безбедносни причини.
Откако водата била собрана од подрумските простории, сè е исчистено и дезинфицирано, велат од Клиниката.
СДСМ обвини – најранливата категорија пациенти е изложена на двоен стравотен ризик.
Нема радијациона контаминација, уверуваат од Клиниката за онкологија и радиотерапија. Ова го констатирале надлежните од Институтот за нуклеарна медицина и Дирекцијата за радијациона сигурност по извршените проверки и мерења.
Наташа Јанчиќ- Менковски
